НОВ ЗЕЛАНД ЈА СЛАВИ ПРЕМИЕРКАТА КОЈА СЕ ПОРОДИ БЕЗ ДА БАРА СПЕЦИЈАЛЕН ТРЕТМАН

Окленд, (Гардијан)

Нов Зеланд блеска од среќа, откако премиерката Џесинда Ардерн вчера објави дека роди ќерка, што е нејзино прво дете.

Бебето кое сѐ уште нема име се најде на насловната страница на речиси сите медиуми во државата, кои го нарекоа „прво бебе“, додека самата Ардерн пред да се породи на шега побара од јавноста да ѝ помогне во изборот на името.

Колумнистката Мишел Даф напиша дека сите жители на Нов Зеланд се кумови на бебето.

„Сите ние како нација треба да го цениме моментот дека сме поместиле граници и сме создале опкружување во коешто е можно тоа: сите 4,2 милиони Новозеланѓани да бидат твои кумови“, вели Даф.

Тамошната јавност го пофали фактот дека 37-годишната Ардерн не барала никакви посебни услови за породувањето.

„Џесинда Ардерн дојде во болницата со свој автомобил, a возеше нејзиниот партнер Кларк. Без обезбедена лимузина или специјално амбулантно возило. Нејзиното бебе се роди во јавна болница, покрај сите други родилки. Без приватна болница или специјално внимание“, напиша коментаторот Морган Годфри.

Ардерн и втората ноќ ја поминала во болницата, а потоа планира да земе шестнеделно породилно отсуство, период за кој нема целосно да се откаже од своите обврски.

Меѓу оние кои ѝ честитаа беше и Бставар Б-Зардари, ќерката на покојната Беназир Буто, која, исто така, се породи додека беше на функцијата премиер на Пакистан.