Оскаровецот Расел Кроу ќе го глуми во ТВ-серија Роџер Ајлес, основачот на телевизискиот канал „Фокс њуз“ и една од највлијателните личности во медиумскиот бизнис.
Серијата во осум епизоди се заснова на книгата на Габриел Шерман од 2014 година, „Најсилниот глас во собата“, која ги прикажува подемот и падот на медиумскиот магнат.
Овој проект е првата голема улога за американската телевизија за Кроу, најпознат по филмовите „Гладијатор“ и „Прекрасен ум“.
Ајлес, кој ја основа „Фокс њуз“ во 1996 година и помина две децении на чело на телевизијата, почина на 77 години во мај 2017 година по пад во неговата бања на Флорида. Една година претходно тој беше тргнат од „Фокс њуз“ по обвинувањата за сексуално вознемирување на повеќе од 20 жени.
Серијата ќе се фокусира на патот на Ајлес од локален телевизиски продуцент до една од најважните личности во медиумската сфера.