УДИРА БРЗО И СИЛНО – КАНАДА ГО ПРОИЗВЕДЕ ПРВОТО ПИВО ОД КАНАБИС

Торонто, (Гардијан)

Научниците од мала лабораторија во Торонто тестираат ензими и експериментираат со ферментација, развивајќи го она што го нарекуваат прво пиво од канабис на светот.

Повеќето пива од канабис се добиваат од јачмен и потоа им се додава масло од марихуана, тврди Дума Вендшух од компанијата „Провинс брендс“, која стои зад проектот.

„Тоа не е она што ние го правиме. Нашето пиво се прави од листовите, стеблото и коренот на растението“, вели Вендшух.

Канада неодамна стана втората држава на светот која целосно легализираше марихуана, која ќе може слободно да се користи од 17 октомври. Но, тоа, истовремено, е и бизнис од неколку милијарди долари годишно.

Вендшух дошол на идеја на поинаков начин да го искористи законот и да создаде алтернатива на алкохол. Во почетокот имале големи сомнежи дали ова ќе може да се реализира.

„Во почетокот, пивото имаше ужасен вкус, на расипана брокула. Потоа со помош на хемичар ја добивме вистинската комбинација на хмељ, квасец, вода и канабис. Алкохолот создаден низ процесот се отстранува и се добива безалкохолно, безглутенско пиво, кое силно ве крева. Вкусот е сув, солен и помалку благ од типичниот вкус на пиво. Пивото удира многу брзо, што не е својствено за самата марихуана“, вели Вендшух, додавајќи дека моментално користат 6,5 милиграми ТХЦ за едно пиво.

Тој смета дека нивниот производ е поздрав и побезбеден од алкохолот, но секако има ризици.

„Се разбира, не треба да се пијат пет вакви пива на ден“.