КАКО МОЖЕ ДА СЕ ЗАМЕНИ БРУС ЛИ? – ФАНОВИТЕ ШОКИРАНИ ОД НАЈАВЕНИОТ РИМЕЈК НА „ВО ЗМЕЈСКОТО ГНЕЗДО“

Лос Анџелес, (Диџитал спај)

Дали на најголемиот филм со боречки вештини на сите времиња навистина му треба нова верзија?

Холивуд мисли дека треба и 45 години откако „Во змејското гнездо“ го зацементира легендарниот статус на Брус Ли, најавен е римејк на ова ремек-дело, на ужас на фановите.

Иако засега е нејасно кој би се осмелил да биде новиот Брус Ли, како режисер се споменува Дејвид Лич, зад кого се насловите „Атомска русокоса“ и „Дедпул 2“.

„Овој филм не треба да се допира. Не е во прашање приказната на филмот, туку неверојатната харизма на Брус Ли, што не може да се реплицира“, вели актерот Даниел Ву, на што се надоврза неговиот колега Даниел Дае Ким:

„Се согласувам! Што би можело да се додаде во овој филм, а да биде на ниво на Брус Ли или подобро“.

„Во змејското гнездо“ имаше премиера три недели по ненадејната смрт на Ли во 1973 година, покажувајќи се како негов последен филм. Во 2004 година, Националниот филмски регистар го заштити како филм од културно, историско и естетско значење.