ВЕЌЕ НЕ СЕ ГРИЖАМ ШТО ЌЕ КАЖЕ ОПШТЕСТВОТО ЗА МОЕТО ТЕЛО, ВЕЛИ БИЈОНСЕ ЗА НОВИОТ „ВОГ“

Њујорк, (Би-Би-Си)

По неколку недели шпекулации, аренби кралицата Бијонсе осамна на насловната страница на септемвриското издание на магазинот „Вог“, кое се смета за најважно во годината.

Насловната фотографија е дело на младиот Тајлер Мичел, кој со тоа стана првиот Афроамериканец во 125-годишната историја на магазинот на кој му била укажана таква можност.

Бијонсе по четврти пат се наоѓа на насловната страница на „Вог“ (Фото: Вог)

Во исто време, на Бијонсе ѝ била дадена целосна контрола околу насловната страница и исто така напиша есеј и ги избра фотографиите и насловите.

„Би рекле дека некој толку славен како Бијонсе ќе гледа да го заштити својот имиџ, но таа беше целосно отворена за соработка и тоа е токму она што го сака секој фотограф“, изјави 23-годишниот Мичел.

Бијонсе по четврти пат се наоѓа на насловната страница на „Вог“, девет години откако првпат се појави. За најновиот број, таа пишува за своето тело, бременоста и за другите делови од својот живот.

„По раѓањето на првото дете, верував во она што ќе го каже општеството за тоа како треба да изгледа моето тело. Затоа се ставив под голем притисок за три месеци да ги изгубам килограмите што ги добив и дури закажав мала турнеја за да го остварам тоа. Гледајќи наназад, тоа беше лудо од мене“, пишува Бијонсе.

Таа открива и дека морала да лежи еден месец по раѓањето на близнаците Руми и Сир, бидејќи страдала од прееклампсија.

„Потоа го прифатив моето тело какво што е и почнав целосно да уживам во облините. До денешен ден, моите раце, рамења, гради и бутови се пополни. Имам мало стомаче, но не се брзам да го симнам. Изгледа реално“, вели Бијонсе.