„ТОЈОТА“ ГО УКИНА „АУРИС“ И ГО ПРЕИМЕНУВА ВО „КОРОЛА“

Токио, (Воткар)

„Тојота аурис“ оди во историја, само за да направи место за друго прославено име на јапонската автокомпанија.

Новиот семеен хечбек на „Тојота“ го враќа името „корола“, што ќе биде 12. генерација на овој модел откако почна да се произведува во 1966 година, со тоа што ќе го заземе местото на „аурис“, кој ќе биде тргнат од светските пазари.

„Тојота“ го претстави новиот модел на годинашниот автосаем во Женева, но тој тогаш сè уште го носеше името „аурис“. Ќе има две хибридни верзии на новата „корола“, но не и дизелска.

„Корола“ е најпродаваниот модел на автомобил во историја, со повеќе од 45 милиони продадени примероци.

„Аурис“ беше лансиран во 2006 година, а втората генерација уследи шест години подоцна. Моделот претставен во Женева требаше да биде третата генерација, но на патиштата ќе го видиме како „корола“, која во последните десетина години имаше само лимузинска изведба.