Возрасни луѓе со добро здравје не би требало да земаат аспирин секој ден, заклучува големо истражување спроведено во САД и Австралија.
Докажано е дека овој лек е корисен за оние кои имаат претрпено срцев или мозочен удар, но најновата студија укажува на тоа дека тој го зголемува ризикот од фатално внатрешно крвавење кај лица постари од 70 години.
Експертите ги опишуваат резултатите од истражувањето, спроведено врз 12.000 луѓе без историја на срцеви проблеми, како многу важни и предупредуваат лекот да не се зема без потреба, бидејќи може да доведе до крвавење во стомакот.
Аспирин им се препишува на оние кои имаат преживеано удар, бидејќи ја регулира крвта и ги намалува шансите за негово повторување. Сепак, повеќето од досегашните истражувања за неговите придобивки се спроведени врз луѓе од средна возраст и опасностите од редовното консумирање се зголемуваат како што стануваме постари.
„Ова значи дека милиони постари здрави луѓе низ светот можеби непотребно земаат мали дози аспирин. Овие откритија ќе им помогнат на лекарите, кои долго време беа несигурни дали да препишуваат аспирин на здрави пациенти“, вели професорот Џон Мекнил.