СРЕДНОШКОЛЦИ ОД ВЕЛЕС ЗГОТВИЈА СЛАТКО ОД СМОКВИ, СЛИВИ И ДУЊИ ЗА ПОТСЕТУВАЊЕ НА ТРАДИЦИЈАТА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Слатко по рецепти од бабите зготвија учениците од средното училиште „Коле Неделковски“ во Велес, а учениците од економското училиште „Јовче Тесличков“ направија современото пакување. Настанот се одржа во просторот на поранешното кино „11 Октомври“, односно во „Дворчето“ на Европската куќа во Велес.

Традицијата продолжува и со младите генерации. Иако начинот на подготовка се менува, старите рецепти и тајните на готвењето се пренесуваат од постарите на помладите. Слаткото и водата традиционално се служеле при пречекот на гостите, како гест на гостопримство и внимание.

„Овој настан е дел од креативна дружба во ‘Дворчето’, со различни содржини. Ова е четврти настан, на кој една дружба на младите може да биде преточена во нешто конкретно, во овој случај во рецепт за слатко од сезонско овошје. Целта беше да ги собереме повозрасните и да ги дружиме со помладите, кои ги зготвија овие специјалитети“, рече Ирена Јорданова од Европската куќа во Велес.

(Фото: СМАРТ СДК.МК)

За оваа пригода беше зготвено слатко од смокви, модри сливи и дуњи. Го зготвија десетина ученици од средното училиште „Коле Неделковски“ од насоката угостителство.

„Готвевме по старински рецепти. Го подготвивме овошјето и работевме неколку часа за време на практичната настава во училиштето. Имавме совети и од неколку професори. Останува на гостите да проценат колку сме биле успешни“, рече Јана Кочова, ученичка во четврта година.

Беа зготвени стотина теглички слатко, кои за кратко време им беа поделени на гостите во „Дворчето“. Дел од слаткото се проба со леб, како што се правело некогаш.

За изгледот на тегличките и за етикетите се погрижија учениците од Економското училиште, од насоката дигитален маркетинг.

„За традиционалниот изглед на етикетите учевме и се инспириравме од објави за традиционални, стари слатка. Боите се во склад со слатката, односно со овошјата од кои беа зготвени“, рече Леонид Велинов.

П. ПЕЧКОВ