ПОВЛЕЧЕН СТРИПОТ ВО КОЈ ЗА ПРВПАТ СЕ ПОКАЖАНИ ГЕНИТАЛИИТЕ НА БЕТМЕН

Њујорк, (Гардијан)

„Ди Си комикс“ ја повлече страницата од новиот стрип, во кој за првпат беа покажани гениталиите на Бетмен.

Во епизодата „Бетмен: проколнат“, објавена оваа недела, Бетмен и маѓионичарот Џон Константин ловат убиец во Готам Сити. Контроверзната разголена сцена, нацртана од Ли Бермехо, се случува кога Бетмен го соблекува своето одело заради скенирање на телото со компјутер.

Гениталиите на суперхеројот се видливи во печатената верзија на стрипот, но се затемнети во дигиталното издание.

„Ди Си комикс“ вчера објави дека гениталиите на Бетмен веќе нема да бидат покажувани во идните стрипови.

„Голотијата со ништо не придонесе за приказната и ќе биде отстранета од идниот тираж на стрипот“, кажа извор близок до проектот.

Сепак, околу 115.000 копии од нецензурираниот стрип сè уште постојат, што значително му ја зголеми цената меѓу фановите.