КРИСТИЈАН БЕЈЛ СЕ ЗДЕБЕЛИ 20 КИЛОГРАМИ ЗА УЛОГАТА НА ДИК ЧЕЈНИ

Лос Анџелес, (Индиваер)

Кристијан Бејл е познат по своите шокантни физички трансформации заради улогите, почнувајќи од „Машинист“, за кој толку ослабна што му се познаваа сите коски и тој го примени вообичаениот трик и за најновиот филм.

Сега отиде во друга крајност, па за улогата на поранешниот американски потпретседател Дик Чејни се здебели цели 20 килограми. Тој откри дека работел со нутриционист додека се подготвувал за насловната улога во филмот „Потпретседател“, што ќе има премиера на 25 декември.

„Сфатив дека мора да го направам тоа на здрав начин. Сум губел килограми, сум ги добивал, но никогаш досега не сум соработувал со нутриционист. Првпат решив да го направам тоа како треба“, изјави 44-годишниот Бејл.

Филмот на оскаровецот Адам Мекеј го следи подемот на Чејни во еден од најмоќните потпретседатели во американската историја. Сопругата на Чејни, Лин, ја игра Ејми Адамс, а во други историски улоги се Стив Карел (Доналд Рамсфелд) и Сем Роквел (Џорџ Буш).