ФРЕДИ МЕРКЈУРИ И МОНСЕРАТ КАБАЈЕ – ЕДНО ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ПРИЈАТЕЛСТВА ВО СВЕТОТ НА МУЗИКАТА

Барселона, (разни извори)
Le chanteur du groupe Queen Freddie Mercury et Montserrat Caballe a Londres en 1988

Шпанската оперска дива Монсерат Кабаје почина утрово во Барселона на 85 години. Наречена Ла Суперба, таа со децении владееше со светот на операта, благодарение на извонредната техника и магичната аура, со која ја освојуваше публиката.

Но, Кабаје си обезбеди бесмртен статус и во поп културата, изведувајќи го навидум невозможното, кога со дуетот со пејачот на „Квин“, Фреди Меркјури, ги спои операта и рокот.

Фреди призна дека бил опчинет од гласот на Кабаје, кога првпат ја слушнал како пее, во 1983 година, во операта на Верди, „Бал под маските“, во Кралската оперска куќа во Лондон.

„Кога ја слушнал Монсерат, Фреди целосно заборавил дека на сцената е неговиот идол Лучано Павароти и оттогаш сонуваше да пее со неа“, откри неговиот личен асистент Питер Фристоун во биографската книга за Меркјури.

Фреди и Монсерат првпат настапија заедно во октомври 1988 година

Четири години подоцна, се случи дует од соништата, кога градските власти на Барселона го поканија Меркјури да ја напише химната на Летните олимписки игри во 1992 година и да ја отпее заедно со Кабаје. Од оваа соработка произлезе и нивното големо пријателство, полно со заемна почит. Таа била една од ретките на кои Фреди им се доверил дека има СИДА.

„За светот на операта, тоа беше револуција, вистинска револуција. Кога го слушнав како импровизира на пијано, сфатив дека е комплетен музичар“, се присети Кабаје во документарен филм од 2003 година.

Првиот заеднички настап го имаа во октомври 1988, но за жал, не стигнаа да ја отворат Олимпијадата со песната „Барселона“. Тешко болен од СИДА, Меркјури почина осум месеци порано од пневмонија, па нивниот дует мораше да биде пуштен на големиот екран на церемонијата на отворањето. Кабаје ја отпеа песната во живо пред финалето на Лигата на шампионите во 1999 година.