МИСЛАМ ДЕКА СИ АЛБАНОФОБ

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

(Кон филмот „Кога денот немаше име“, режија Теона Стругар Митевска, играат Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов, Николина Кујача, Лабина Митевска)


„На 12 април, 2012 на Велики четврток пред Велигден, телата на четворица тинејџери беа откриени близу езеро во предградието на Скопје. Инцидентот темелно го подели македонското општество. Момчињата тргнаа на рибарење, но овој филм не е за нив…“ .

Со овој текст-телоп на англиски јазик почнува „Кога денот немаше име“, четвртиот филм на Теона Стругар Митевска. Авторката на „Како убив светец“, „Јас сум од Титов Велес“ и „Жената која си ги избриша солзите“, при светската премиера на филмот во февруари во програмата Панорама на Берлинале, рече дека е инспириран од масакрот кај Смилковско Езерово во Скопје во кој беа убиени петмина Македонци, четворица на возраст од 18-21 година и еден 45-годишен.

Ова е еден од најконтроверзните случаи на убиства во современата историја на земјава, за кој јавија и светските медиуми како „убиства кои ги засилуваат етничките тензии во Македонија“, а кој во јавноста е нашироко обележан со сомнеж како злостор заради дневнополитичка манипулација на власта на ВМРО-ДПМНЕ во обид да се инсценира меѓуетнички конфликт. Осудените на доживотен затвор шестмина сторители, Албанци, до денес не го признаа делото, а во шокантен пресврт на настаните, минатиот месец обвинителството што го покрена обвинението против нив побара од Врховниот суд да го врати предметот „Монструм“ на повторно судење „поради спорните факти во обвинението“.

Па сепак, Теона Митевска решила ем да се инспирира од ова злосторство, ем ова да не е филм за тоа. Зошто? Затоа што мислела дека и во овој филм ќе може да ја користи својата омилена постапка – наивна манипулација и ситнобуржујски шминкерски активизам, за теми за кои таа главно не знае ништо и нема баш што умно да каже, но осеќа што е политички коректно и курентно, и сака да го искористи моментот.

Со таа разлика што сега темата Смилковско Езеро е преголема, прекомплексна и претешка за да нејзе како авторка ѝ помине глумењето наивност – нејзиното манипулирање во случајов е неморално, оти она сака да се офајди од тоа што масакрот ќе го гледа низ призма на меѓуетнички судир. Со тоа, ѝ дава легитимитет на политичката манипулација која овој нерешен случај се обиде да го претстави како – меѓуетнички судир.

Затоа е манипулативно и неморално оградувањето со оној текст од почетокот на филмот: Теона со тоа сака странците што ќе го гледаат филмот да ги потсети дека Македонија има потенцијал за меѓуетнички судир, но и да им го потврди патронизирањето што тие го проектираат врз цел еден регион, тој „мрачен, дивјачки, конфликтен Балкан“.

Фактот дека овој филм се најде во една така престижна селекција како Панорама на Берлинале кажува дека и таму има некаква гнила спрега во селектирањето – некои селектори си ги проектираат своите стереотипи врз другите култури и бираат филмови од автори што самите го прифаќаат и сметаат на тоа стереотипно гледање.

И после, на македонската премиера, авторката го презентира филмот како приказна „за загубената генерација на Македонија“. А ем се инспирирала од Смилковско Езеро.

На страна ова неморално манипулирање и злоупотреба на жежок и контроверзен криминален случај од пуста желба да се „прати силна порака“, „Кога денот немаше име“ е најслаб филм во опусот од 4 исто така слаби дела на Митевска.

Приказната е за шестмина тинејџери од релативно дисфункционални семејства кои растат безмалку препуштени сами на себеси, значи на улица, но не се делинквентни. Се договараат ноќта да одат на рибарење, а во текот на денот ќе се скошкаат со комшиските деца Албанци при обид за кражба на велосипед, ќе одат кај млада проститутка на реденка (сцена што од некоја нејасна, веројатно „стилска“ причина, трае третина од филмот), потоа на бензинска еден од нив ќе се скошка со едни мангупи, Албанци („мислам дека си албанофоб“, луто ќе му рече едно од момчињата на другаров што сакаше тепачка), и кога ќе стигнат на местото за риба, некои (за кои во оф-тон дознаваме дека зборуваат албански) ќе пукаат во нив и ќе ги отепаат.

Од тоа како Теона, која заедно со Босанката Елма Татарагиќ е косценаристка на филмот, ја води приказната, јасно е само дека цело време не може да се одлучи за што всушност е овој филм – за тинејџерска бунтовност или за епски конфликт? Дали да раскаже мала приказна или да прати грандиозна морализирачка порака? И бидејќи на авторката тоа не ѝ е јасно, филмот не оди никаде и ништо не значи.

Во филмот играат тинејџери непрофесионални глумци (Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов) што е прилично смел избор, оти дури и да има добро напишани ликови со натуршчиците треба многу работа за да се извади веродостојна глума. Но во овој филм ликовите се само скицирани, просто нафрлани, како впрочем и дејството, а момчињава немало кој да ги води што да играат.

Најуспешниот елемент на филмот е камерата на Агнес Годар, една од најреномираните француски директорки на фотографија, која, веројатно инспирирана од младоста на главните протагонисти, креира една натуралистичка, сјајно осветлена слика што дава чувство на спор летен ден. Што и нема баш многу врска со намерата на режисерката на овој филм, ама барем убаво изгледа.

Марина КОСТОВА