МОЌНА, СУПТИЛНА, ПРЕКРАСНА ДРАМА, ВЕЛИ „ВАРАЈАТИ“ ЗА „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
„Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“, се вели во извонредна рецензија за „Врба“ на „Варајати“; - Сара Климоска во сцена од филмот (Фото: Продукција Врба)

„Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“, се вели во извонредна рецензија за „Врба“ на Манчевски што ја објави угледното филмско списание „Варајати“. Рецензијата е на филмската критичарка Џесика Кианг, во најпознатото филмско списание на светот оди под наслов „Врба: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“.

По минатонеделното прикажување на Сараевскиот филмски фестивал, нареднава недела „Врба“ ќе ја има и кинеската премиера, во престижната конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Пекинг, а организаторите велат дека сите проекции на филмот се однапред распродадени. Во октомври следи шпанската премиера на фестивалот во Валенсија.

Рецензијата во „Варајати“ насловена „Врба: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“. (Фото: принтскрин)

Во рецензијата во „Варајати“ за „Врба“ меѓу другото се вели: „Жените во ‘Врба’ на Милчо Манчевски не се стари баби, но нивните приказни имаат чувство на нешто народно – дури и оние две од трите што се случуваат во денешно време. Користејќи трипартитна структура која го привлекуваше режисерот и во минатото, особено во неговото деби од 1994 ‘Пред дождот’, филм кој беше номиниран за Оскар и победи во Венеција, Манчевски извлекува три извонредни женски актерски остварувања од неговите главни актерки, од кои секоја ја тера својата сопствена приказна за маките, кривиците и огромните жртви на мајчинството. Често трагична, често сурова, ‘Врба’, видена низ милозливата, озарена камера на директорот на фотографија Тамаш Добош, сепак задржува леснотија и енергија која на крајот успева да биде оптимистичка – не толку приказна за жалоста на врбата колку за нејзината способност да се извиткува со небаре бескрајна флексибилност без да се скрши“.

Кианг вели дека „во изненадувачките, а сепак кредибилни пресврти на оваа последна приказна, Манчевски прави некои од неговите најдлабоки опсервации за мајчинството, за тоа како тоа не е толку биолошка или дури и емотивна врска со партнер или дете, колку серија на избори, спогодби и тргувања кои мајката ги прави со себе, со светот или со Судбината. Дури и кога би можело да има некакво пуританско толкување околу тоа која од жените е ‘казнета’, а која ‘наградена’, независноста на духот на сите три се опира на вакви симплифицирања. Жениве можеби ги обединува мајчинството, но во секој друг поглед тие си се сосема свои. Манчевски носи филигрански опсервирани хумор и трогателност и во значајни и во прозаични случки“.

„Некои понемилосрдно геометриски сензибилитети можеби ќе се вознемират од привидниот дисбаланс во пристапот на Манчевски: една приказна во средновековното полумитско минато, а другите две поврзани и современи. Но, „Врба“ не е филм на линеарна логика, туку на алузии и асонанци, на еха и одгласи. Можеби приказната на Донка е коренот, на Родна стеблото, а на Катерина гранката, а елегантното, надежно огледување на почетокот и крајот – едно дете се губи, друго дете е пронајдено – е едноставно виткањето на ова особено дрво кое несвесно му се поклонува на своето потекло закопано длабоко во земјата на некое дамнешно минато“, се вели во рецензијата на „Варајати“.

„Врба“ го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Софија, Истанбул, Клуж-Напока и други.

„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.