Повеќе од 850 гости, меѓу кои и членови на британското кралско семејство и светски познати личности, дојдоа на свадбата на принцезата Јуџини и нејзиното долгогодишно момче Џек Бруксбанк во капелата Сент Џорџ во Виндзор.
Јуџини, која е деветта во редот за наследство на тронот, до капелата ја донесе нејзиниот татко, принцот Ендрју, облечена во венчаница на Питер Пилото и Кристофер де Вос. Принцезата носеше и тијара со смарагди, позајмена од нејзината баба, кралицата Елизабета Втора.
Меѓу славните личности на свадбата беа и Роби Вилијамс, Наоми Кембел, Деми Мур, Џејмс Блант, Лив Тајлер, Рики Мартин и Ел Гулдинг.