КАНЈЕ ВЕСТ НЕ Е ПИКАСО – ЛЕОНАРД КОЕН НАПИШАЛ ПОЕМА ЗА РАПЕРОТ

Торонто, (Индипендент)

Легендарниот поет и пејач Леонард Коен напишал по малку чудна поема за Канје Вест пред да почине во 2016 година, која е објавена во неговата постхумна збирка поезија, што излезе неодамна.

На 15 март 2015 година, Коен ја напишал поемата „Канје Вест не е Пикасо“, во која вели дека тој е вистинскиот Пикасо.

Поемата има раскажувачки тон, а се однесува на егоцентричниот став на хип хоп ѕвездата, кој во една прилика на сцена се појави со натпис „Јас сум Пикасо“.

„Канје Вест не е Пикасо. Јас сум Пикасо. Канје Вест не е Едисон. Јас сум Едисон. Јас сум Тесла“, велат стиховите на песната во која се споменува и раперот Џеј-Зи.

Предговорот на книгата „Пламен“ го напиша синот на Коен, Адам, во кој, меѓу другото, стои: „Збирката ги содржи последните напори на мојот татко како поет. Тоа е она што го одржуваше жив до крајот“.