Двата распродадени концерта што Канје Вест требаше да ги одржи во Русија се откажани по неколку недели конфузија, потврдија организаторите. Американскиот рапер, кој сега е познат под името Је, требаше да настапи во „Газпром арена“ во Санкт Петербург на 10 и 11 октомври.
Со недели имаше конфузија околу статусот на концертите. „Газпром арена“ првично ентузијастички објавуваше за концертите на социјалните мрежи, нарекувајќи го Је „највлијателниот музички уметник на нашето време“. Во август, откако концертите беа распродадени, од арената соопштија дека не потпишале договор за изнајмување на стадионот за концертите, па затоа тие не можат да се одржат на таа локација.
Арената нагласи дека „не била и не е одговорна за резервацијата“ и призна дека добила поплаки за концертите.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова претходно ги нарече планираните концерти неприфатливи поради тоа што Је го величел Хитлер.
Пред Русија, и други европски држави ги откажаа планираните концерти на Вест, како Германија, Велика Британија, Италија и Полска.