Во индиската крајбрежна држава Керала, позната по тропската вегетација и идиличните плажи, лежи мирното гратче Мунар, сместено на 1.600 метри надморска височина.
Тој е омилена туристичка дестинација благодарение на своите плантажи на чај, кафе и зачини, но тука лежи и една од најдобро чуваните тајни на Индија: нелакуринџи, еден од најретките цветови на светот, кој цути еднаш во 12 години. Оваа година, тој повторно расцвета.
Овој феномен не може да се промаши, бидејќи нелакуринџи или син цвет цвета масовно и расте во големи заштитени подрачја. Тој прекрива цели ридови со светлосин тепих, што станува виолетов на крајот на сезоната, која обично трае од август до октомври.
„Да се види нелакуринџи е многу ретко, затоа што, можеби, нема да бидете тука наредниот пат. За 12 години сешто може да се случи во животот“, вели екологистот Р Мохан.
Масовното цветање на секои 12 години помага во опстанокот на ова растение, бидејќи се произведуваат доволно семиња. Суперцветањето има и голема туристичка важност за регионот, но уште поголема реткост е медот што се добива од овој цвет. Единствено на локалните жители им е дозволено да го собираат и медот речиси и да не стигнува до пазарот, со исклучок на неколку продавници лоцирани длабоко во планинските долини.
„Овие заштитени подрачја се дом на најразлични видови флора, но за време на масовното цветање, се проценува дека 35-70% од собраниот мед доаѓа од цветовите на нелакуринџи“, вели Мохан.