„Терапи?“, еден од најпрепознатливите северноирски рок бендови, за првпат доаѓа во Македонија, откако беше потврден како трет учесник на 20. издание на фестивалот Таксират, што ќе се одржи на 8 декември во арената „Борис Трајковски“.

Основано во 1989 година, триото предводено од фронтменот Енди Кернс се прослави во првата половина од 90-ите години, на врвот на популарноста на гранџ движењето, а моментално е на турнеја, на којашто го промовира својот 15. студиски албум, објавен оваа година. Освен пејачот и гитарист Кернс, постојан член на групата сите овие децении остана и басистот Мајкл Меккиган.

Покрај „Терапи?“, досега е објавено дека на Таксират ќе настапат и Швеѓаните „Мандо дијао“ и еден од најпопуларните домашни бендови „Смат“.

Картите за фестивалот моментално се продаваат по промотивна цена од 500 денари.

Г. КОНЕВ