ВО БУГАРСКИТЕ ВОДИ ПРОНАЈДЕН СОВРШЕНО ЗАЧУВАН БРОД, СТАР 2.400 ГОДИНИ

Софија, (Би-Би-Си)

Одлично сочуван грчки трговски брод, стар повеќе од 2.400 години, е пронајден на морското дно покрај бугарското крајбрежје.

Долг 23 метри, тој бил откриен во Црното Море од англиско-бугарски тим истражувачи и се смета за најстар зачуван брод на светот. Она што дополнително ги зачуди истражувачите е што тој во дизајнот потсетува на бродовите насликани на древните грчки вински амфори.

„Тоа е како сосема друг свет. Бродот е совршено зачуван и имате чувство како да патувате низ времето“, изјави Хелен Фар, членка на експедицијата.

Причината што бродот, кој датира од четвртиот век пред нашата ера, е во така добра состојба е што бил потопен во водата во која нема кислород. Тој бил откриен на длабочина од 2.000 метри, на 80 километри од Бургас.

„Тој е целосно зачуван. Не се распаѓа и поради тоа што лежи длабоко, веројатно нема да привлече ловци на артефакти“, додаде Фар.