АНДРЕА БОЧЕЛИ ГО СНИМИ ПРВИОТ ДУЕТ СО СИН МУ МАТЕО

Рим, (АП)

Италијанската оперска ѕвезда Андреа Бочели има пеено во дует со Лучано Павароти, Пласидо Доминго и Ед Ширан, но сега за првпат сними песна со својот син Матео.

Песната „Ослони се на мене“ е дел од новиот албум на Бочели насловен „Да“ и зборува за односот родител-дете и, исто така, ќе се појави во новиот филм на „Дизни“, „Оревокршачка и седумте кралства“, во кој играат Кира Најтли, Морган Фриман и Хелен Мирен.

„Се надевам дека сите што ќе ја слушаат песната, ќе уживаат“, вели 60-годишниот Бочели.

Со 21-годишниот Матео често пеат по дома, па затоа, како што вели, не им било чудно заедно да снимаат. Матео студира музика и сака да експериментира со опера и поп, двата жанра што успешно ги спои и татко му.

„Матео мора да го заврши школувањето за да стане сериозен пејач. Како и со сите други професии, и пејачот мора да биде професионален. Но, Матео покажува дека има талент, има нешто што не се учи“, додава слепата суперѕвезда.

Бочели има продадено 85 милиони албуми низ целиот свет и настапувано пред папи и претседатели. „Да“ е неговиот прв албум со нов материјал по 14 години пауза и на него како гости се појавуваат Дуа Липа, Ед Ширан и рускиот сопран Аида Гарифулина. Во декември, тој и Матео ќе настапат заедно на два концерти во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк.