ЕЛЗА ХОСК ЌЕ ГО НОСИ ГРАДНИКОТ ОД МИЛИОН ДОЛАРИ НА ГОДИНАШНАТА РЕВИЈА НА „ВИКТОРИЈАС СИКРЕТ“

Њујорк, (Космополитен)

Шведскиот супермодел Елза Хоск е избрана да носи градник од милион долари на годинашното шоу на „Викторијас сикрет“, што ќе се одржи на 8 ноември во Њујорк, што се смета за посебна чест во овој моден бренд.

Хоск (29), која е дел од „Викторијас сикрет“ од 2011 година, на себе ќе има повеќе од 2.100 дијаманти од вкупно 71 карат. За изработка на овој градник од престижниот серијал „Фентзи“ биле потребни околу 930 часови.

Елза Хоск на ланското шоу (Фото: Гети)

„Ова е еден од најубавите ‘фентзи‘ градници што сум ги видела во мојата кариера и многу добро одговара на мојот личен стил. Многу е суптилен, но во исто време гламурозен и го има чувството на 90-ите години. Изгледа совршено со сите тие дијаманти“, изјави Хоск.

Дизајниран од „Сваровски“, тој бил изработен од четворица мајстори и е двојно поевтин од градникот што лани го носеше Лаиш Рибеиро. Тој за првпат ќе се најде и во продажба, односно негова многу поевтина верзија од 250 долари.