ЕЛТОН ЏОН ЌЕ ОДРЖИ 300 КОНЦЕРТИ НА ПЕТ КОНТИНЕНТИ НА ПРОШТАЛНАТА ТУРНЕЈА

Лондон, (Гардијан)

Елтон Џон ќе одржи 300 концерти на својата проштална турнеја, која ќе опфати пет континенти и ќе трае до 2021 година.

Турнејата насловена „Пат од жолти тули“, што е асоцијација на неговиот албум од 1973 година, започна на 8 септември во Пенсилванија и голем број датуми допрва треба да бидат потврдени.

Седумдесет и едногодишниот британски музичар вели дека одлуката да оди на проштална турнеја нема никаква врска со неговото здравје.

„Ако планираш да одржиш 300 концерти, тоа значи дека си добар со здравјето“, изјави тој.

Елтон Џон во јануари објави дека се повлекува од настапите во живо, 50 години откако се запозна со својот долгогодишен музички соработник Берни Топен. Тој вели дека сака повеќе време да им посвети на своите синови, кои по завршувањето на турнејата ќе имаат десет и осум години.