МИШЕЛ ОБАМА ОТКРИ ДЕКА ЌЕРКИТЕ ГИ ДОБИЛА СО ВЕШТАЧКО ОПЛОДУВАЊЕ ОТКАКО ИМАЛА СПОНТАН АБОРТУС

Вашингтон, (АП)

Мишел Обама откри дека се чувствувала изгубено и осамено, откако пред 20 години претрпела спонтан абортус и дека морала да оди на вештачко оплодување за да ги добие двете ќерки.

„Се чувствував како да сум потфрлила, затоа што не знаев колку чести се спонтани абортуси, бидејќи не се зборуваше за нив. Сами се носиме со нашата болка, мислејќи дека на некој начин сме скршени“, кажа поранешната прва дама на САД во интервјуто за „Добро утро Америка“ на Еј-Би-Си.

Таа додаде дека со Барак Обама решиле да пробаат ин витро оплодување и на тој начин ги добиле ќерките Саша (17) и Малија (20).

„Сфативме дека имаме 34 и 35 години и дека мора да пробаме ин витро“.

Овие откритија уследија во пресрет на излегувањето на нејзините мемоари „Станување“, кои ќе се најдат во продажба од вторник.