Алергијата на кикиритки може да се победи со третман што постепено ја гради толеранцијата, покажа нова голема студија. Се очекува првиот медицински третман за деца со оваа алергија да биде одобрен наредната година, но постои загриженост дека би можел да биде скап, иако во најголема мера се состои од брашно од кикиритки.
Никој од речиси 500 деца на возраст од четири до 17 години кои учествувале во истражувањето не можеле да поднесат ниту 10 милиграми протеин од кикиритки. Но, откако за период од една година постепено се зголемувала почетната мала доза, две третини од децата потоа можеле да изедат најмалку две цели кикиритки без последици по нивното здравје.
Иако ова изгледа малку, ова би им овозможило на децата без проблеми да јадат храна во која има траги од кикиритки.
„Тоа е постојан стрес. Се шокиравме кога сфативме дека траги од кикиритки и од други јаткасти плодови можат да се најдат во најразлични видови храна, особено оние што се омилени на децата, како бисквити, колачи и сладоледи. Оваа алергија имаше големо влијание врз нашето семејство“, вели Софи Прат од Лондон, чија седумгодишна ќерка Емили е родена со оваа алергија.
Новиот третман би се состоел од капсула чија содржина би се истурала врз храна и научниците очекуваат таа да почне да се користи од втората половина на следната година.
Се проценува дека едно во 50 деца ја има оваа алергија.