ДОЛФ ЛУНДГРЕН Е ПОВТОРНО ИВАН ДРАГО ПО 33 ГОДИНИ – НЕ ЖАЛАМ ШТО СЕ ОТКАЖАВ ОД НАУКАТА ПОРАДИ ТАА УЛОГА

Филаделфија, (АП)

Улогата на Иван Драго во „Роки 4“ ја лансираше актерската кариера на Долф Лундгрен, но тој имал и резервен план доколку не успеел во Холивуд.

Денес 61-годишниот актер имал диплома по хемиски инженеринг и бил Фулбрајтов стипендист на Институтот по технологија во Масачусетс (МИТ), кога Силвестер Сталоне го ангажирал за улогата на советскиот боксер во 1985 година. Иако неговата актерска кариера остана врзана за еден филмски жанр, Лундгрен не жали што науката ја заменил за боксерски ракавици.

„Тоа тогаш ми изгледаше нереално, но и беше голем момент за мене, затоа што тој лик ја почна целата моја кариера. Сепак, тоа имаше и негативно влијание, бидејќи Иван Драго беше лик од малку зборови, тој беше робот“, признава Лундгрен.

Триесет и три години подоцна, тој ја репризира улогата на Иван Драго во „Крид 2“, сега како тренер на неговиот син Виктор (Флоријан Мунтеану), кој влегува во ринг со Адонис Џонсон (Мајкл Би Џордан). Тој бара одмазда за смртта на својот татко Аполо Крид, кој беше убиен во ринг од Иван Драго.

„Сега сум лик кој е вистинска личност и има вистински проблеми“, вели Лундгрен.

Тој студирал во Мелбурн кога ја запознал актерката Грејс Џонс, која го одвела во Њујорк и го запознала со личности како Енди Ворхол и Мајкл Џексон.

„Зошто се откажав од МИТ? Зошто станав актер? Ми требаше малку време да го прифатам тоа, но сега сум помирен со таа одлука. Без разлика дали сум добар или лош лик, тоа внесува светлина во нечии животи“.