КЕВИН ХАРТ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ОСКАРИТЕ ПОРАДИ СТАРИ ХОМОФОБИЧНИ ИЗЈАВИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Комичарот и актер Кевин Харт објави дека се повлекува од улогата на водител на претстојната церемонија на доделување Оскари по контроверзите околу негови стари хомофобични ставови.

Тој кажа дека не сака да биде во центар на внимание и дека му е жал ако повредил некого.

Харт беше избран за водител пред само три дена, по што во јавноста излегоа десетина години стари твитови во кои тој негативно зборува за хомосексуалци, што ја стави Академијата за филм под притисок да го отпушти.

„Водењето на Оскарите ми беше голема желба одамна. Решив да се повлечам, бидејќи не сакам да привлекувам внимание во ноќта кога треба да се слават сите тие неверојатни таленти. Искрено ѝ се извинувам на ЛГБТ заедницата за моите нечувствителни зборови од минатото“, напиша Харт на Твитер.

Контроверзните коментари на Харт датираат од 2010 година, од времето на неговите настапи како комичар.

„Еден од моите најголеми стравови е дека детето ќе ми биде геј кога ќе порасне. Јас не сум хомофобичен, немам ништо против хомосексуалци, но како хетеро маж, ако можам да го спречам син ми да не стане геј, ќе го направам тоа“, е една од спорните изјави на Харт.