ДРАКУЛА МРАВКАТА Е НОВОТО НАЈБРЗО ЖИВОТНО НА СВЕТОТ

Лондон, (Гардијан)

Досега оваа титула им припаѓаше на гепард и сокол, но светот сега има ново најбрзо животно: дракула мравка!

Научниците открија дека малиот тропски инсект може да ги стисне своите мандибули (вилици) со брзина од 90 метри во секунда (повеќе од 320 километри на час), што е најбрзо измерено движење во светот на животните. Мравките го користат ова експлозивно движење за да нападнат, зашеметат или убијат плен, со кој потоа ги хранат ларвите.

„Тие се движат под земјата и ако налетаат на стоногалка или на термит, ги зграпчуваат со своите мандибули за да ги убијат или онеспособат и потоа ги носат назад во гнездото“, вели Ендрју Суарес, професор по животинска биологија на Универзитетот Илиноис.

Овој род мравки веќе беше познат по своите високо специјализирани вилици, но научниците со досегашната видеотехнологија не можеле да ја утврдат точната брзина на нивното движење. Тие дошле до попрецизните бројки снимајќи ја мравката со 480.000 фрејмови во секунда.

Дракула мравките живеат главно во тропските предели на Африка и Азија и нивното име доаѓа од невообичаените навики на хранење, кои вклучуваат и канибализам.