КУЛТНОТО КИНО „ПРИНЦ ЧАРЛС“ ВО ЛОНДОН СПАСЕНО ОД ЗАТВАРАЊЕ СО ПОДДРШКА ОД ХОЛИВУДСКИ ЅВЕЗДИ И 168.000 ПОТПИСНИЦИ

Лондон, (Гардијан)

Култното независно кино „Принц Чарлс“ во центарот на Лондон ја обезбеди својата иднина со нов договор за закуп на 25 години, по речиси две години неизвесност и голема јавна кампања во која се вклучија познати холивудски режисери и актери. По успешното завршување на борбата за негово зачувување, раководството размислува и за можноста да отвори уште едно кино во Лондон.

Киното, кое се наоѓа во близина на плоштадот Лестер, беше соочено со опасност од затворање поради спор со сопствениците на објектот. Повеќе од 168.000 луѓе потпишаа петиција за негово спасување, а поддршка дадоа режисерите Кристофер Нолан, Дени Бојл, Едгар Рајт и Роберт Егерс, како и актерот Пол Мескал.

„По 21 месец неизвесност, пресреќни сме што ја обезбедивме иднината на киното. Ова немаше да биде возможно без поддршката и вербата на толку многу луѓе“, соопштија од киното по постигнувањето на договорот во октомври.

Во неодамнешно интервју, сопственикот Бен Фридман зборуваше за успешната борба за опстанок на киното и за можноста неговиот концепт да се прошири со уште една локација во британската престолнина.

Проблемите започнаа во јануари 2025, кога сопствениците на објектот побараа нови услови за закуп, кои ќе им овозможеа да го иселат киното со шестмесечно известување доколку одлучат да го пренаменат просторот.

„Принц Чарлс“ работи како репертоарско кино од 1991 година и е познато по проекциите на филмски класици, култни остварувања, филмски маратони и тематски вечери. Режисерот Квентин Тарантино го има наречено свое омилено кино во Велика Британија.

Во 2025 година, градските власти на Вестминстер го прогласија киното за објект од посебна вредност за локалната заедница, со што дополнително беше поддржана борбата за негово зачувување.

 

Фото: Гети