ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ И РЕТКИ ФОТОГРАФИИ ОД ДЕЈВИД БОУВИ НА ИЗЛОЖБА ВО ШКОТСКА

Шкотска, (Би-Би-Си)

Повеќе од 100 предмети од личната архива на легендарниот британски музичар Дејвид Боуви се изложени во музејот „Викторија и Алберт“ во Данди, Шкотска. Изложбата „Дејвид Боуви: На турнеја“ е првата што претставува предмети од неговата архива, која музејот во Лондон ја откупи во 2023.

Меѓу експонатите, од кои многу досега не биле изложени во јавност, се неговиот прв музички инструмент, саксофон што татко му му го подарил за Божиќ во 1961, стоперката што ја користел додека пишувал песни, пасошот од 1988 и рачно напишани стихови од неговиот последен албум.

Посебно внимание привлекува писмо од неговите соседи во Лондон од декември 1973, во кое се жалат на гласната музика и го замолуваат да ја намали јачината и да престане да пушта музика во разумно време.

Изложени се и ретки полароидни фотографии од пробите на костимите за филмот „Лавиринт“ од 1986, како и фотографии и сувенири од неговите концерти во Шкотска.

Изложбата се осврнува и на настапот на Боуви во концертната сала „Керд хол“ во Данди во мај 1973, кога пред околу 2.500 обожаватели настапил како својот сценски лик Зиги Стардаст.

Архивата на Боуви содржи околу 90.000 предмети, кои се чуваат во посебен центар во Лондон. Музичарот внимателно ги собирал и зачувувал предметите од својата кариера, а подоцна соработувал со професионални кустоси за нивно документирање.

Дејвид Боуви почина на 10 јануари 2016, на 69 години.

 

Фото: Г. Андерсон