МАНЧЕСТЕР ГО ИЗБРКА МУРИЊО – МЕСТО НАСЛЕДНИК НА ФЕРГУСОН, ГО НАРУШИ УГЛЕДОТ НА КЛУБОТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Декември уште еднаш се покажа фатален месец за Жозе Мурињо. Точно три години откако беше отпуштен од Челзи (17 декември 2015), Португалецот денеска го снајде истата судбина и во Манчестер јунајтед, клубот во којшто дојде како вистински наследник на Алекс Фергусон, а од кој си заминува со нарушен углед.

Манчестер го избрка Мурињо една година откако му го продолжи договорот за уште 12 месеци, во периодот кога игра(ше) лош фудбал и заостанува 19 бода во однос на лидерот и најголем ривал Ливерпул.

  • Со освоени 26 бода на 17 натпревари, Манчестер го бележи најслабиот првенствен старт на сезоната од 1990/91, пред воведувањето на Премиерлигата. Моментално е шести на табелата.
  • Под водство на Мурињо, Манчестер освои три трофеи, вклучувајќи ја и Лига Европа, по што лани во Скопје загуби од Реал Мадрид во Суперкупот.
  • Клубот не покажа прогрес во играта и во резултати, иако Мурињо во својот мандат потроши 400 милиони фунти на 11-мина засилувања.
  • Го водеше Манчестер на 144 натпревари и оствари скор од 84 победи, 32 нерешени и 28 порази, што е успешност од 58,8% и негов најлош учинок после Порто.
  • Ова е првпат во неговата кариера да напушта клуб без освоена шампионска титула.