БЕРЛИН ЌЕ ГИ ПОМОГНЕ ТЕХНО КЛУБОВИТЕ СО МИЛИОН ЕВРА ЗА ДА ГО ЗАШТИТИ НОЌНИОТ ЖИВОТ

Берлин, (Гардијан)

Берлинската техно сцена ќе добие помош од еден милион евра од локалната власт, за да се заштити светски познатата клупска култура на градот. Слично на проектот во Хамбург, овие средства се наменети за подобрување на звучната изолација на клубовите, со цел да се намалат поплаките од локалните жители.

Програмата за звучна заштита стапи на сила на 30 ноември и ја нагласува важноста на берлинската култура на ноќен живот и на неговото значење за градските економија и туризам.

„Берлинската клупска култура е светски позната и едно од обележјата на градот“, изјави сенаторката Рамона Поп.

Секој клуб ќе може да аплицира за грант од 50.000, односно 100.000 евра за „проекти од исклучителна важност“. Посебна комисија ќе избере кои клубови ќе добијат средства за реновирање.

Од 2011 година, околу 170 берлински клубови се затворени, повеќето од нив по спор со локални жители поради преголема бучава.