Самостојна изложба на еден од доајените на македонското сликарство Родољуб Анастасов ќе се отвори вечерва во 19 часот, во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ во Музеј на Град Скопје.
Насловена „Човек и простор“, изложбата ќе содржи 30-ина дела од еден од најпознатите и најобемни творечки циклуси на 83-годишниот Анастасов, изработени во различни техники (пастел на хартија, масло на платно, акварел, комбинирана техника).
Роден во Скопје, Анастасов дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Белград и долги години бил професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје.
Изложбата ќе биде отворена до декември наредната година.