Кевин Спејси се поистовети со својата улога во „Куќа од карти“ во бизарно видео, што го објави во исто време кога се соочи со ново обвинение за сексуален напад врз тинејџер. Тој ќе мора да се појави на суд на 7 јануари, за инцидентот што наводно се случил пред две години во бар во Масачусетс.
Зборувајќи со акцентот на Френк Андервуд, ликот што неколку сезони го играше во хит-серијата на „Нетфликс“, тој им порача на фановите да не веруваат во лагите што се шират за него.
„Јас немам намера да плаќам цена за нешто што не сум го направил. Вие не би верувале во најлошото без докази, нели? Не би носеле заклучоци без факти. Се разбира, има и такви кои веруваат во сѐ. Тие едвај чекаат јас да признам сѐ“, вели Спејси во видеото што го објави на Твитер.
Тој се товари дека му купувал алкохол на 18-годишно момче, по што му ставил рака во панталони и го грабнал за гениталии. Законската граница за консумирање алкохол во Масачусетс е 21 година.
Спејси ја загуби улогата во „Куќа од карти“ откако се дозна за неговиот сексуален напад врз малолетник во 1986 година, по што уследија и низа други слични обвинувања.