ОРКЕСТАРОТ „ДИВА“ НА 23 ДЕКЕМВРИ ЌЕ ГО ОДРЖИ ТРАДИЦИОНАЛНИОТ НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ „ВИЕНА ВО БИТОЛА“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битолскиот оркестар „Дива“ на 23 декември ќе го одржи 13. издание на традиционалниот новогодишен концерт „Виена во Битола“ во Центарот за култура во Битола. Ќе диригира Владимир Димовски, кој е продуцент на проектот.

Инспириран од новогодишните концерти на Виенската филхармонија, Димовски создаде музичка традиција која секој декември ја носи виенската атмосфера во Битола. На концертите низ годините се изведуваа познатите валцери и полки на Јохан Штраус и оперетски мелодии на Франц Лехар и Емерих Калман, со настапи на оперски солисти, балетски уметници и хорови.

На претходните изданија гостуваа уметници од Виена, Србија и од македонската оперска и балетска сцена. Во 2025 година оркестарот одржа два распродадени концерта.

„И годинава публиката ќе има можност да ја испрати годината во ритамот на виенскиот валцер“, велат од оркестарот „Дива“’.

Билетите се во продажба онлајн на divaticket.com.

Ж. ЗДРАВКОВСКА