ТРАДИЦИОНАЛНАТА ПАЛЕСТИНСКА НОСИЈА Е ХИТ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ОТКАКО РАШИДА ТЛАИБ ВЛЕЗЕ ВО КОНГРЕСОТ

Вашингтон, (Гардијан)

Илхан Омар и Рашида Тлаиб денеска испишаа историја, откако станаа први муслиманки кои седнале во клупите на американскиот Конгрес. Тие дополнително ги нагласија своите вера и потекло со изборот на облеката за овој историски и свечен ден.

Тоба е фустан што рачно се шие и често се пренесува од мајка на ќерка (Фото: Твитер)

И додека Омар, која е родена во Сомалија, носеше хиџаб на главата, што во Конгресот не беше дозволено во последните 181 година, Тлаиб (42) избра традиционална палестинска носија, наречена тоба и стана вистински хит на социјалните мрежи. Таа во Конгресот дојде со синовите Адам (13) и Јусиф (седум).

Тоба е важен дел од палестинските култура и наследство и голем број жени низ целиот свет ѝ оддадоа почит на Тлаиб на социјалните мрежи, гордо фотографирајќи се во иста облека.

„Сакав да направам нешто со што ќе ги едуцирам луѓето за нашата култура. Овие фустани се полни со симболизам и значење и бидејќи рачно се шијат, тие често се пренесуваат од мајка на ќерка. Тие се уметничко дело на палестинските жени“, појасни Тлаиб, која е родена во Детроит.