Задолжителна освежувачка дремка во тивка соба е една од мерките што сè повеќе јапонски компании почнаа да ги спроведуваат, со цел да се справат со епидемијата на ненаспаност, што годишно ја чини тамошната економија 138 милијарди долари.
Компјутерската компанија „Некстбит“ минатата година воведе машка и женска „стратешка спална соба“ во своето седиште во Токио, со цел да ја зголеми продуктивноста на своите вработени. Овие ароматизирани соби се звучно изолирани и во нив е забрането да се внесуваат мобилни уреди.
„Кратка дремка може да подобри нечија ефикасност исто како и балансирана исхрана и вежбање“, велат од „Некстбит“.
Друга компанија дури нуди финансиска награда доколку вработените одбијат прекувремена работа и одат на спиење во разумно време.
Според едно истражување, Јапонците во просек спијат шест часа и 35 минути ноќе, што е 45 минути пократко од меѓународниот просек. Финските жени спијат дури еден час повеќе, а со доволно сон можат да се пофалат и во Естонија, Канада, Белгија, Австрија, Франција и во Холандија.
Едно друго истражување покажа дека дури 92% Јапонци постари од 20 години не спијат доволно.