ЈАПОНСКА КОМПАНИЈА ЌЕ СОЗДАВА ВЕШТАЧКИ МЕТЕОРСКИ ДОЖДОВИ СО ПОМОШ НА САТЕЛИТИ

Токио, (Би-Би-Си)

Јапонска компанија е подготвена да лансира свој прв сателит и да започне со експерименти во вселената.

„Астро лајв експириенсис“ (АЛЕ) е основана пред десет години од Лена Окаџима и нејзината цел не е истражување на вселената, туку создавање вештачки метеорски дождови за посебни настани пред неколкуилјадна публика.

Идејата е секој сателит да се наполни со 400 пелети, секоја со дијаметар од два сантиметри. Со испукување на неколку од нив истовремено, би се добил метеорски дожд во траење од три до десет секунди и Окаџима вели дека целото шоу би траело неколку минути. АЛЕ објави и промотивни видеа, во кои покажа како би изгледало тоа.

Според аеротермодинамичкиот инженер Адриен Лемал, ова треба да се изведе со голема точност и при голема брзина. За таа цел, Лемал и неговиот тим прават систем од гасни резервоари, кои при голем притисок би ги испукувале пелетите со брзина од осум километри во секунда.

Лемал и Окаџима засега не откриваат од што се направени пелетите, но велат дека вештачкиот метеорски дожд ќе биде посјаен од природниот, а може да биде и во различни бои.

АЛЕ веќе неколку години работи на проектот и во наредните месеци планира да го лансира првиот сателит, со помош на Јапонската вселенска агенција.

„Очекуваме тоа да се случи најдоцна во март“, вели Окаџима.