Со 153 гласа „за“, грчкиот парламент денеска го ратификуваше Договорот од Преспа, со што и официјално е ставен крај на спорот за името помеѓу Атина и Скопје, што со посредство на Обединети нации се решаваше 27 години. Тоа беше и последниот услов да може Македонија да почне со процесот на придружување кон НАТО и Европска Унија.
- Договорот од Преспа беше потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, на 17 јуни во селото Нивици, на грчката страна од Преспанското Езеро. Тој предвидуваше новото име на државата да биде Република Северна Македонија и, истовремено, да се зачуваат термините македонски јазик и македонски народ.
- Три дена подоцна, Договорот со 69 гласа „за“ беше ратификуван во македонското Собрание.
- На референдумот на 30 септември, 91,4%, односно над 600.000 гласачи ја одобрија промената на името, но излезноста беше само 36,8%.
- Во почетокот на јануари, Собранието со 81 глас „за“ ги усвои уставните измени, предвидени со Договорот од Преспа. Со нив, името на државата се смени од Република Македонија во Република Северна Македонија.
- Откако грчката влада претходно го преживеа гласањето за доверба, и парламентот во Атина денеска го ратификуваше Договорот од Преспа со 153 гласа „за“ и 149 „против“.
- „Северна Македонија се роди денеска. Ќе биде пријател и сојузник на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и заеднички развој на регионот“, кажа грчкиот премиер Ципрас.
- Откако грчката влада ќе испрати вербална нота до Скопје, Македонија потоа ќе ги информира Обединетите нации за промената на името.
- Промената ќе стане конечна откако амбасадорите на НАТО ќе го потпишат пристапувањето на Македонија и грчкиот парламент го ратификува овој протокол.
- Согласно Договорот од Преспа, сите ќе мора да го користат новото име Северна Македонија, односно Republic of North Macedonia на англиски и Voria Makedonia на грчки јазик.