Климатските промени претставуваат голема закана за глечерите на планинските масиви Хиндукуш и Хималаи, покажа нова студија.
Во неа се вели дека ако брзо не се намали емисијата на јаглерод диоксид, две третини од овие огромни ледени полиња би можеле да исчезнат. Дури и ако порастот на температурата се ограничи на 1,5 Целзиусов степен во овој век, најмалку една третина од мразот ќе снема.
Овие глечери се главен извор на вода за 250 милиони луѓе во осум држави, а во директна опасност се и врвовите К2 и Монт Еверест, кои се дел од овие вечно замрзнати масиви.
Тие би можеле да се претворат во голи карпи за помалку од еден век поради порастот на температурите, велат научниците. Топењето би можело да се забрза во наредните две децении, а состојбата на глечерите уште повеќе ја влошува загадениот воздух. Ако глобалните температури пораснат за два степени, половина од глечерите ќе исчезнат до 2100 година.
„Ова е криза на климата за која не сте слушнале досега. Луѓето во овој регион ќе бидат изложени како на уште поголемо загадување на воздухот, така и на екстремни временски неприлики“, изјави Филипус Вестер од Меѓународниот центар за заштита на планините, кој ја водеше студијата.
Загрозената област зафаќа површина од 3.500 квадратни километри во Авганистан, Бангладеш, Бутан, Кина, Индија, Мјанмар, Непал и Пакистан.