КАМПАЊА НА АВТОРИТЕ НА ФИЛМОТ – СО КУПЕНА ТЕГЛА МЕД ИМ ПОМАГАТЕ НА ОСУМТЕ ДЕЦА ОД „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ ДА СЕ ШКОЛУВААТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Продукцијата на „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, кој вчера победи на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс, ја спроведува кампањата „Донирајте за децата на Медена земја“, која има за цел да се собираат средства за школување на децата кои се појавуваат во документарниот филм.

За таа цел, на официјалната веб-страница на филмот honeyland.earth е поставен линк за донација за децата.

„Медена земја“ ја освои Главната награда од жирито, како и уште две награди: Котевска и Стефанов ја примија Специјалната награда од жирито за влијание за промена, а снимателите Фејми Даут и Самир Љума – Специјална награда за камера.

„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главната идеја на филмот е да се прикажат припадноста на човекот кон природата и нарушувањето на природната рамнотежа преку судирот на два различни начини на искористување на природните ресурси.

„Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска победи во категоријата светски документарци и освои уште две награди на фестивалот Санденс, основан од Роберт Редфорд (Фото: Санденс/принтскрин)

„Ако го гледавте филмот, се запознавте со седумте деца од фамилијата. Всушност, сега се осум, со оглед на тоа дека последното се роди на денот на премиерата на Санденс. Кој би помислил? Како и да е, тие би биле среќни да ве запознаат, но тие се во Медената земја, далечно, далечно место, каде сешто се случува и ништо не е сигурно, дури ни проток на вода во летниот период, ниту топол оброк во студените зимски ноќи. Можете да им помогнете на овие осум деца Мустафа, Музафер, Вели, Али, Алит, Гамзе, Љутвиш и најмалото кое сѐ уште нема име. Но, тоа мора да биде преку трансакција, со оглед на тоа дека се деца. Можете да купите од најубавиот мед од Медената земја и тие ќе ги добијат парите. Испратете ни барање за тегла со 25 грама мед и ние лично ќе се потрудиме и вие и децата да го добиете тоа што ви следува. Парите од вашата добра волја се наменети за фонд за школување на децата“, стои на веб-страницата.

Продуцентот Атанас Георгиев претходно рече дека намерно не ја откриваат локацијата каде живее Атиџе, за да не се создаде медиумска врева и да не ѝ го нарушат живеењето.

Продукцијата на филмот е на „Аполо медија“ на Стефанов и на „Трајс филмс“ на Георгиев. Македонската премиера се најавува за почеток на март.

Б. НЕСТОРОСКА