Режисерот Вуди Ален поднесе тужба против „Амазон студиос“, во која го обвинува дека го прекршил нивниот договор, одбивајќи да го дистрибуира неговиот најнов филм.
Осумдесет и тригодишниот автор бара отштета од повеќе од 68 милиони долари, обвинувајќи ја компанијата дека се повлекла од договорот без причина. Во тужбата која беше поднесена во Њујорк стои дека „Амазон“ се повлекол од проектот во јули 2018, откако во јавноста излегоа обвинувања за Ален дека ја злоупотребувал неговата посвоена ќерка Дилан Фароу во 1992. Режисерот во тужбата наведува дека од „Амазон“ биле запознати со „неоснованите обвинувања од пред 25 години“ кога го склучиле договорот и дека тоа не претставува основа за тие да го раскинат.
„Амазон“ досега има издадено два филма на Ален и беше дистрибутер на неговите ТВ-серии, но излезе од дистрибуцијата на неговиот филм „Дождлив ден во Њујорк“, кој го сними во 2017 година.