ПРОНАЈДЕН ФОСИЛ НА ПАЈАК ЧИИ ОЧИ СВЕТАТ И ПО 110 МИЛИОНИ ГОДИНИ

Сеул, (Мешабл)

Ловци на фосили од Кореја откриле редок примерок на пајак зачуван во карпа, но она што уште повеќе ги воодушевило е што неговите очи сѐ уште светат, 110 милиони години откако умрел.

Фосилизирани инсекти и пајаковидни многу ретко се наоѓаат, а во случајов, уникатната форма на очната структура на овој пајак продолжува да рефлектира светлина дури и вака скаменет. Ваков тип на очи е карактеристичен за инсекти кои ловат ноќе и се нарекува тапетум.

„Ноќните предатори имаат поразличен вид на око. Ова е првпат тапетум да е пронајден кај фосил и има изглед на канадско кану. Денес вакви очи имаат волчји пајаци“, вели Пол Селден, директор на Палеонтолошкиот институт на Универзитетот во Канзас.

Останува мистерија и како пајакот бил зачуван во карпи исполнети со риби и други морски животни.

„Пајаците не живеат во вода. Вообичаено, стојат на површината. Штом влегол во водата, тоа мора да била многу посебна ситуација“, додава Селден.