Трап пејачот Христијан Настески-Пајак го промовираше својот деби албум „2000 и некоја“, кој е во издание на „Урбан рекордс“, зад која стојат продуцентите Иван Јованов-Ивајо и Гордан Божиновски. Автори на песните се Лазар Цветкоски, Луна, Таско, Тајзи и Елвир Мекиќ. Од тимот на Пајак велат дека албумот е модерен и го задржува неговиот препознатлив стил.
На албумот има дуети со Тајзи, Тони Зен и со Лара Иванова, како и песната „Делириум“, која неодамна ја сними со Јован Јованов и Елвир Мекиќ. Визуелниот идентитет и естетиката на проектот се на Верица Божиновска и „Степи флоу“.
„Овој албум за мене има тежина што не можам лесно да ја објаснам. Не е само музика, туку период од мојот живот во кој се случуваа многу работи, и убави и тешки. Сè што поминував на некој начин завршуваше во студио. Затоа, ова ми е прв проект каде што чувствувам дека сум целосно искрен“, рече Христијан Настески-Пајак.