Набргу откако го доби Оскарот за најдобра машка улога за „Боемска рапсодија“, Рами Малек ќе потпише договор да глуми негативец во новиот Џејмс Бонд филм. Дваесет и петтиот филм за британскиот таен агент, во кој Даниел Крег за последен пат ќе се појави во насловната улога, неколкупати беше одложуван.
Сајтот „Колајдер“ објави дека Малек е во финални преговори за улогата. Името на Малек веќе се поврзуваше со таа улога, но „Вараети“ во декември објави дека поради снимањето на последната сезона од серијата „Господин Робот“, тој нема да може да го снима и новиот „Бонд“.
Продуцентите објавија дека се обидуваат да убедат уште една оскаровка, Лупита Нјгоно, да ѝ се приклучи на екипата на филмот.
Снимањето во режија на Кери Фукунага ќе почне во април во Лондон, а премиерата е закажана за април 2020.