Самија беше влијателна на социјалните мрежи уште пред да прозбори.
Нејзините родители Адам и ЛаТоја Али, исто така инфлуенсери, почнаа јавно да го бележат нејзиното доаѓање на овој свет на Јутјуб и Инстаграм во 2014 година, веднаш кога таа дозна дека е бремена.
„Видеото со раѓањето на Самија го има на Јутјуб. Таа практички е родена на социјалните мрежи“, вели Адам Али.
Самија денес има четири години и 143.000 следбеници на Инстаграм и 203.000 претплатници на Јутјуб. Тоа се главно постови на коишто таа позира или се игра, но тие доаѓаат и со платени реклами од познати брендови.
Тоа е светот на таканаречените кидфлуенсери, кадешто големи компании, како „Волмарт“ и „Мател“, потпишуваат богати рекламни договори со бебиња и мали деца кои имаат голем број фанови на своите верификувани профили на Јутјуб и Инстаграм. Бидејќи овие мрежи не се наменети за помлади од 13 години, профилите на овие влијателни деца ги водат нивните родители.
Кајлер Фишер е татко на двегодишни близнаци кои имаат повеќе од два милиони следбеници на Инстаграм и тој вели дека еден спонзориран пост чини меѓу 10.000 и 20.000 долари. Промоциите на нивниот Јутјуб канал се наплатуваат меѓу 25.000 и 50.000 долари. Фановите толку се интересираат за ова семејството, што нивното трето дете, кое треба да се роди овој месец, веќе има 112.000 следбеници.
„Сајтот не дозволува на никој под 13 години да има свој профил. На него мора да биде јасно истакнато дека е воден од родителите“, вели портпаролот на Инстаграм, Сраванти Дев.
Според едно истражување, во примерок од 1,2 милиони профили на Инстаграм пронајдени се 3.100 инфлуенсери помали од 13 години и сите тие имаа најмалку 1.000 следбеници.