АБУ ДАБИ ЈА ОТВОРИ ПАЛАТАТА НА НАЦИЈАТА ЗА ТУРИСТИ

Абу Даби, (Си-Ен-Ен)

Палатата на нацијата во Абу Даби деновиве беше отворена за јавност, претставувајќи омаж на арапското наследство и дизајн. Со огромни бели куполи, бујни градини и со драматични лустери, новиот заштитен знак на градот има за цел на посетителите да им овозможи поголемо разбирање на традициите и на вредностите на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

Ентериерот е декориран со бела, жолта и сина боја за да се нагласи пејсажот на регионот (Фото: Си-Ен-Ен)

Гостите ќе можат да ги погледнат изложбите за арапските обичаи и да присуствуваат на спектакуларно ноќно шоу, кое ќе се одржува секоја вечер.

Ентериерот, кој е декориран со бела, жолта и сина боја за да се нагласи пејсажот на регионот, се состои од голем број грандиозни делови, како Големата сала и собата полна со предмети што му биле подарувани на лидерот на ОАЕ од разни земји. Има и библиотека со над 50.000 книги.

Отворањето на Палатата на нацијата следи по успехот на музејот Лувр Абу Даби, кој во првата година привлече еден милион посетители.