КУЧИЊАТА МОЖАТ ДА НАМИРИСААТ ЕПИЛЕПТИЧЕН НАПАД КАЈ СВОИ СОПСТВЕНИЦИ, ВЕЛАТ НАУЧНИЦИ

Рен, (Гардијан)

Кучињата можат да препознаат мирис поврзан со епилептични напади, открија научниците, што ја зголемува можноста дека тие би можеле да бидат тренирани за да ги предупредуваат своите сопственици.

Ова би можело да им помогне на луѓето со епилепсија да имаат поголема контрола врз својата состојба и со тоа да избегнат повреди и на време да побараат помош и да го земат потребниот лек.

Постојат анегдоти дека некои луѓе биле предупредени од своето куче дека ќе имаат напад, во некои случаи и пет часа порано, но за ова немаше цврст доказ во научната литература. Нејасно е дали кучето реагира врз основа на визуелни знаци, мирис или одредени промени во однесувањето“, вели Амели Катала од Универзитетот во Рен, Франција.

Во последната студија, објавена во магазинот „Научни извештаи“, Катала и нејзини колеги тестирале дали специјално обучени кучиња можат да разликуваат телесни мириси што ги испуштаат епилептичари за време на напад, во нормални околности и после вежбање.

Тестираните кучиња покажале одлични резултати: тие успеале да препознаат позитивни (епилептични) знаци со точност од 67% до 100%, а негативни од 95% до 100%.