Велика Британија и светот се во исчекување на раѓањето на новото кралско бебе и во услови кога ништо не се знае однапред околу првото дете на Меган Маркл и принцот Хари, голем ќар очекуваат и обложувалниците. Оттаму велат дека ваков интерес на јавноста не владеел за раѓањето на ниту едно од децата на Вилијам и Кејт и може да се спореди само со венчавката на Меган и Хари, кога на разни опции во обложувалниците биле вложени повеќе од 3,5 милиони фунти.
Според кралската традиција, Меган и Хари досега го немаат откриено полот на бебето, па затоа потешко може да се предвиди и името. Сајтот „Букмејкерс“ вели дека најпопуларно име меѓу обложувачите е Дајана, па следува Грејс, а ако биде машко, најголем дел од нив веруваат дека ќе се вика Чарлс.
Од палатата Кенсингтон објавија само дека бебето треба да се роди на пролет и што се однесува до терминот, обложувалницата „Педи пауер“ соопшти дека најмногу уплати има на неделата која почнува на 22 април. Најмали шанси има дека бебето ќе се роди по 13 мај.
Ако ова не е доволно чудно, Британците масовно се обложуваат и на тоа во која болница ќе се породи Меган.