Првиот трејлер за новиот и последен филм од серијалот „Војна на ѕвездите“ беше објавен за време на годишната конвенција „Стар ворс селебрејшн“ во Чикаго, кадешто беше објавен и неговиот наслов. Досега познат како „Војна на ѕвездите 9“, полното име на филмот ќе биде „Војна на ѕвездите: подемот на Скајвокер“.
Тоа е последното поглавје од легендарниот научно-фантастичен серијал, кој се протегна низ пет децении, почнувајќи од 1977 година, за да стане феномен на поп културата.
И додека во „Силата се буди“ од 2015 година франшизата остана без ликот на Хан Соло (Харисон Форд), „Последниот Џедај“ (2017) заврши со смртта на Лук Скајвокер (Марк Хамил). За потребите на новиот филм се обработени некои претходно снимени сцени со Кери Фишер, која почина во декември 2016.
„Принцезата Леја продолжува да живее во нашите филмови на еден неверојатен начин. Не можете туку-така да земете друга глумица место неа, ниту, пак, целосно да ја избришете. За чудо, од претходните филмови ни останаа доста неискористени сцени со Кери, па затоа решивме повторно да ја имаме, бидејќи компјутерски генериран лик не доаѓаше предвид. Секој ден ме погодува што не е со нас, но таа е во сцените и така живее“, изјави режисерот Џеј Џеј Абрамс.
„Војна на ѕвездите: подемот на Скајвокер“ ќе има светска премиера на 20 декември.