„Книги и музика“ е темата на годинашното издание на Фестивалот на јадење книги, кој по деветти пат ќе се одржи утре од 17 часот, пред сендвичарата „Пепер“ на улицата Ленинова во Скопје. Книжевно-гурманската манифестација ја организираат рубриката Букбокс на порталот офф.нет и „Пепер“.
Оттаму велат дека принципот е ист како и досега: секој носи домашно приготвено солено или благо јадење што асоцира на главната тема, тоа се поставува на заедничката софра, а потоа со гласање на присутните се одредуваат и наградуваат трите најдобри дела. Делата треба да бидат донесени најдоцна до 18 часот.
„Оваа година предвид би можеле да дојдат книги за музика: напишани од познати музичари, автобиографии и биографии, дела кои во насловот имаат нешто поврзано со одредена песна или музички термин, чии ликови се опседнати со музика или во кои музиката игра многу битна улога. За махери доаѓаат предвид и хранливи дела кои произведуваат звуци, можеби ролати на кои може да се свири како на флејта или ксилофони направени од бисквити, а поврзани со некое книжевно дело. Ги повикуваме сите оние кои умеат да свират или да пеат да го донесат својот инструмент и да настапат анплагд пред ‘Пепер’“, велат организаторите.
Настанот повторно се организира волонтерски, без грантови и спонзорства.